21.11.2011, 15:49 Недев: Златото на ЕП во Израел е историско за Македонија
За првпат еден каратист се враќа со златен медал од едно големо првенство во традиционално карате
Дејан Недев, освојувачот на златниот медал на Европското првенство во традиционално карате во категоријата кумите-борби, одржано пред пет дена во Израел, на денешната прес конференција рече дека овој успех има историска важност за македонската држава, бидејќи за првпат еден каратист се враќа со златен медал од едно големо првенство во традиционално карате.
- Во мојата кариера многу пати бев блиску до златото на едно големо натпреварување во сениорска конкуренција. На ЕП 2004 година во Скопје, бев во финалето, 2002 на ЕП во Москва исто така загубив во финалната борба, 2006-та во Канада на СП дојдов до финалето, но никогаш не бев прв. Овој пат имав и повеќе среќа, бев многу подготвен и имав голема желба за освојување на златниот медал и можам да кажам дека по 18 години активно натпреварување и настапи за македонската репрезентација го направив најголемиот мој резултат, истакна Недев.
Освен во поединечна конкуренција Дејан Недев освои медал и екипно. Заедно со Аљоша Недев, Кристијан Кајчевски и Матеј Ангеловски беа второпласирани и го освоија среброто.
Тој рече дека повредата го спречила да освои уште некој медал во другите дисциплини во кои се натпреваруваше.
Од другите македонски каратисти, Аљоша Недев и Даниел Димитриевски освоија бронза во енбу м/м; Матеј Ангеловски и Ернест Никочевиќ освоија сребрен медал во енбу м/м јуниорска конкуренција; Матеј Ангеловски беше бронзен во фукуго.
Големиот успех на „традиционалците“ во името на Владата им го честиташе директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски.
- Овој успех е еден од многуте досега, но тој е многу значаен. Во минатото традиционалното карате се бореше да се признаат и почитуваат нивните резултати. Тие си го најдоа своето место во спортот во нашата држава. Во овој спорт имаме спортисти медалисти и шампиони, но и пример во својата средина надвор од спортските терени, како луѓе кои знаат да почитуваат, луѓе кои знаат да соработуваат и луѓе кои во секој сегмент од својот живот даваат максимум, истакна Поповски.
На Европскиот шампионат во Ерусалим учествуваа вкупно 22 репрезентации со преку 380 натпреварувачи во сениорска и јуниорска категорија. Македонија ја претставуваа осум каратисти. Со освоените медали од Израел, Македонија стигна до бројката 28 одличја од Европските и Светските првенства.
|