23.11.2011, 13:08 Соработка во железничкиот превоз меѓу Македонија и Русија
Република Македонија и Руската Федерација денеска во Москва потпишаа спогодба за соработка во областа на железничкиот превоз на патници и стоки.
Со потпишувањето на овој документ ќе се овозможи поедноставување на граничните, царинските и другите формалности поврзани со превозот на патници и стоки, а се очекува таа да влијае и на зголемувањето и економската соработка меѓу двете држави. Предвидено е надлежните органи и организации кои ќе го извршуваат железничкиот сообраќај да склучуваат дополнително договори за регулирање на прашањата околу технологиите за организирање и остварување на превозот на патници и стоки.
- Потпишувањето на спогодбата со Руската Федерација широко ќе ги отвори вратите за поголема соработка меѓу двете држави, пред се во делот на превоз на стоки од Македонија кон Русија бидејќи Русија е земја која може да апсорбира големи количини стоки од Македонија. Со ова отвораме врата за поголем извоз на стоки од Македонија кон Русија. Очекувам дека ова е само прв чекор кон подобрување на соработката во делот на транспортот меѓу Македонија и Русија, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по потпишув��њето на спогодбата.
Неговиот рускиот колега Иван Левитин изрази задоволство од денешното потпишување на спогодбата кое, како што посочи, ќе влијае на зголемувањето на превозот на патници и стоки меѓу двете држави.
Ова е прва спогодба во областа на железничкиот сообраќај што Република Македонија ја потпишува со Руската Федерација. Ќе стапи на сила 30 дена откако ќе биде ратификувана во двете држави.
На средбата стана збор и за состојбата во авиосообраќајот во Македонија при што од руска страна беше најавено дека ќе биде разгледана можноста за отворање директни авионски линии меѓу двете земји.
Министерот Јанакиески го информираше својот руски колега за владината одлука за субвенционирање на авиокомпании кои ќе отворат нови линии и ги покани руските авиокомпании да ги разгледаат можностите за отворање на авионски линии.
Од македонска страна беше побарана и поддршка и побрза реализација на изградбата на Јужниот тек и затворање на сите преговри во однос на отпочнувањето на националната гасификациската мрежа во Македонија.
За ова министерот Јанакиески, кој присуствува на Петтиот меѓународен форум Транпортот на Русија, ќе оствари одделни средби и со заменик министерот за регионален развој и копретседател на меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка Максим Травников и со раководството на компанијата „Стројтрансгас“.
|