25.11.2011, 10:18 Саиф ал Ислам на операција поради гангрена на раката
Синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, Саиф ал Ислам, мора да биде опериран заради гангрена што му ја зафати дланката, на местата каде му се откинати палецот и показалецот, изјави денеска лекарот кој го прегледал.
Саиф (39) се здоби со повреда на прстите на десната рака во текот на НАТО бомбардирањата од пред неколку недели.
- Оваа рана не е најдобра и неопходна е ампутација, изјави Андреј Мураковски, докторот кој работи во Зинтан.
Мураковски, кој е роден во Украина, пред три дена го прегледа Саиф и тогаш изјави дека доколку тој не биде опериран може сериозно да се разболе.
- Неговиот показалец е откинат, коските се згмечени.....Исто е и со палецот, изјави Мураковски.
Хируршката интервенција, што е неопходна, е едноставна и може да се изведе и во Зинтан под локална анестезија, наведе Мураковски.
Борците од Зинтан, кои го држат Саиф во заробеништво, не сакаат да го префрлат во болница, стравувајќи дека некој може да го убие.
- Можев тоа да го направам пред три дена. Не е ургентно, состојбата е таква веќе цел месец. Но, ќе биде добро доколку набрзо биде опериран, истакна лекарот.
|