23.11.2011, 15:40 (ФОТО) Садници и потписи за подобра иднина
Преку мотото „Садиме денес - пишуваме и праќаме писмо на мирот“, граѓани, ученици, политичари денеска по осми пат ја пошумуваа Македонија
Бојан Шашевски
Фото: Петр Стојановски
На 400 локации низ земјава беа засадени околу 5,7 милиони дрвца во текот на денешната акција „Денот на дрвото“. За помасовно да се вклучат и од своите домови да се одлучат да излезат што е можно повеќе граѓани, осмата есенска акција повторно се реализираше во неработна среда, која ќе се одработува претстојниов викенд, в сабота. Преку мотото „Садиме денес - пишуваме и праќаме писмо на мирот“ својата иднина ја садеа бројни граѓани, градоначалници, политичари, ученици, активисти, директори, лобисти, рекреативци, претпријатија. Влажните услови беа на страната на дрвцата. Откако скоро два месеца владееше суша, вчерашниот иако слаб утрински дожд, сепак, донесе позитивна минимална влага на ливадите, парковите, ридовите и планинските подножја. Експертите сметаат дека секогаш е добро да се пошумува преку целата година, но есенското садење е пооптимално, бидејќи сега состојбата на почвата и температурите се идеални за садење дрвца.
„Денешниот дожд само ги подобри условите и донесе потребна влага. Пролетните акции се подобри на повисоките места, на постудено, додека во пониските делови е препорачливо да се вршат во контејнерски садници. Кај нас октомври е прилично топол месец за садење дрвца, но затоа, пак, во ноември имаме совршени услови за одржување вакви акции“, смета Јовица Ацевски, професор на Шумарскиот факултет и додава дека за разлика од некои јавни претпријатија, Шумарскиот факултет повторно е исклучен од акцијата.
„Од организаторот не добивме никаква официјална покана за присуство на настанот. Секако, во акцијата сите сме вклучени во својство на граѓани, но секоја година се' повеќе ги изоставуваат и ги ставаат на страна нашите стручни знаења. Можеби не им се допаѓаат и не им одговараат некои наши размислувања и предлози“, забележува професорот Ацевски.
Низ годинашната акција се провлече и кампањата „Писмо на љубовта, почитта и на пријателството - задади мир, пријателство и љубов“. Освен што се садеше иднина, организаторите собираа и потписи. На граѓаните им овозможија да се потпишуваат во тетратки што ќе бидат пратени до Обединетите нации и до Европската Комисија. Организацискиот одбор смета дека писмата се повик за масовно заедништво за садење иднина за нас и за светот, силна порака за обезимувањето и обесправдувањето, но и за пријателството, добрососедството, толеранцијата и взаемната почит.
Инаку, во изминативе седум акции беа засадени 38 милиони стебла во близина на населените места, покрај патишта, природни и вештачки езера, во делот на националните паркови. Со ова пошумување вкупно ќе бидат насадени околу 44 милиони дрвца. Во Куманово, Липково и Старо Нагоричене на површина од 40 хектари вчера беа засадени 80.000 садници, околу Битола 40.000 дрвца, во Прилепско 80.000, за Гостивар беа предвидени 120.000 стебленца, во Дебарско 60.000, околу Гевгелија 45.000, а во Кочанско и Виничко беа пошумени околу 10 хектари.
|