24.11.2011, 14:59 Недела на турски филмови во Скопје и во Битола
На специјалната гостинка, еминентната актерка Турќан Шорај и беше доделена плакета од страна на турскиот амбасадор во Македонија
Манифестацијата „Недела на турски филмови“, која се одржува по трет пат, од денеска ќе биде отворена за пошироката публика. Годинава на оваа ревија ќе бидат прикажани осум филмови, а нејзиното свечено отворање се случи денеска во Битола, а вчера во Скопје со проекција на филмот „Девојката со црвена шамија“, адаптирана според истоименото дело на писателот Џенгиз Ајтматов од Киргистан. Главната актерка од овој филм Турќан Шорај пристигна во Македонија и со своето присуство и' даде уште поголемо значење на оваа манифестација, која до 27 ноември ќе се одржува паралелно во двата града.
Турќан Шорај се смета за дива на турската кинематографија. Таа е една од најеминентните актерки во Турција, која има играно во голем број филмови во светот, а инаку е и амбасадор на добра волја на УНЕСКО. По проекцијата на филмот „Девојката со црвена шамија“ на Шорај во „Рамстор“ и' беше доделена плакета од страна на амбасадорот на Турција во Македонија, Ѓурол Сокменсуер. „Морам да признаам дека сум многу возбудена ��то сум во Македонија. Иако доаѓам за првпат, оваа земја ја чувствувам како многу блиска бидејќи пораснав со македонската музика и приказни кои ги слушав од мојата мајка, која била родена и живеела тука еден период од нејзиниот живот. Среќна сум што турските филмови се гледани тука и многу ми е мило што сум дел од отворањето на оваа недела посветена на турските филмови“, изјави Шорај.
Покрај овој филм со кој е предвидено на 27 ноември во киното „Милениум“ и да се затвори манифестацијата, публиката ќе може да види уште седум интересни остварувања, меѓу кои е и ланскиот победник во Берлин, филмот „Мед“ на Семи Капланоглу. Тука се и: „Пандорината кутија“ на Јесим Устаоглу, победник од Анталија и Сан Себастијан, потоа исто така наградуваниот „Татко и син“ на Чаган Ирмак , па „Љубов на друг јазик“, „Прашај го своето срце“, „Љубовта сака случајности“ и „Мевљана и танцот на љубовта“. Сите овие филмови, кои се направени во последниве десетина години, освен филмот на затворањето, ќе се прикажуваат во кинослата „Рамстор“ во термините од 17,30 и од 20 часот. Додека во Битола филмовите ќе се прикажуваат во Центарот за култура. Билетите за сите проекции се бесплатни, со тоа што билетите во Скопје се нумерирани и за публиката ќе има извлекување и награди. (С.У.)
|