25.11.2011, 14:20 Дела од Глас, Сати и Мертенс во изведба на Бранка Парлиќ
Концертот носи наслов „Собирачи на шишарки“, а ќе биде изведена музика на 20 и 21 век, дела од Ерик Сати, Филип Глас, Вим Мертенс, Грем Фиткин и др.
Во рамките на „Есенски музички свечености“, утре вечер во Музејот на град Скопје во 20 часот, концерт ќе одржи пијанистката од Србија, Бранка Парлиќ. Концертот носи наслов „Собирачи на шишарки“, а ќе биде изведена музика на 20 и 21 век, дела од Ерик Сати, Филип Глас, Вим Мертенс, Грем Фиткин и др.
Бранка Парлиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград во класата на проф. Олга Михаиловиќ. Се усовршува на Летната музичка академија во Ница, Франција, во класата на Пјер Санкан, професор на Парискиот конзерваториум. Таа посветено се занимава со музиката на францускиот композитор Ерик Сати од 1986 година, како и со новата музика на 20 и 21 век, особено со минимализмот и постминимализмот. Во 2006 година, во издание на музичката продукција „Б-92“ од Белград, излезе компакт-дискот „Метаморфозис“, на кој се наоѓаат композиции за соло-пијано од американскиот композитор, најистакнатиот претставник на минимализмот, Филип Глас.
Бранка Парлиќ работи како професор по пијано на Академијата на уметностите во Нови Сад. (Т.И.)
|