25.11.2011, 15:30 „Нуклеарен“ транспорт ги возбуди Германците
Меѓу 500 до 600 лица го блокираа магистралниот пат при што дојде до судир со полицијата.
На пат кон Германија се наоѓаат 13 вагони со високорадиоактивен атомски отпад кој треба да биде превезен до привременото складиште во Гoрлебен во Долна Саксонија. Противниците на транспортот веќе се судрија со полицијата.
По насилните судири при протестите против транспортот на атомски отпад во областа Вендланд, во текот на ноќта било мирно, соопшти портпарол на полицијата во Линебург. Во местото Метцинген, во Долна Саксонија, во четвртокот околу 800 луѓе протестираа поради транспортот на германскиот радиоактивен отпад.
Меѓу 500 и 600 лица го блокираа магистралниот пат. Полицијата употребила водени топови и солзавец за да ја растури оваа блокада. Осум полициски службеници биле повредени откако демонстрантите со камења фрлале врз полицијата. Повредена е и една жена од демонстрантите, најверојатно, од фрлањата со камења.
Се очекуваше возот со атомскиот отпад во текот на денот да ја мине француско-германската граница. Ова е првиот транспорт на радиоактивен отпад откако германската влада донесе одлука за откажување од атомската енергија. Отпадот натоварен на 13 вагони, најверојатно, ќе биде складиран во привременото складиште за ваков вид отпад во Горлебен. Во областа Вендланд, меѓутоа, многумина стравуваат дека со транспортот на атомскиот отпад во ова привремено складиште, каде што веќе има 100 садови со атомски отпад , ќе се зацементира можноста тоа да биде и крајно складиште на отпадот.
Германија веќе извесен период бара соодветно трајно складиште за сопствениот атомски отпад, меѓутоа многу покраини се противат тоа да се најде на нивна територија. Исто така, и отпорот кај граѓаните е голем. Освен притисокот однатре, германската влада сега се наоѓа под засилен притисок и од ЕУ. Советот на министри на ЕУ, имено, во јули годинава донесе закон според кој сите членки што користат атомска енергија мора да поднесат планови за конечното складирање на атомскиот отпад.(Дојче веле)
|