28.11.2011, 13:43 Бразил за Вебер, титулата за Фетел
Доминацијата на Ред бул заокружена со еден-два триумф на Интерлагос во последната трка сезонава во Формула 1
Тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер, верува дека Марк Вебер ќе ја дочека зимата со обновена самодоверба за следната година благодарение на својата победа во трката за Големата награда на Бразил , со која беше спуштена завесата на годинашната сезона во Формула 1. Вебер триумфира на патеката Интерлагос откако неговиот тимски колега Себастијан Фетел се соочи со проблеми со менувачот, но и покрај таквите околности Хорнер е уверен дека победата е доволна за зголемување на неговата самодоверба во пресрет на сезоната 2012.
„Голема работа е тоа што Вебер победи во трката“, објаснува Хорнер. „Сметам дека ќе беше многу, многу тешко за него да ја дочека зимата во ситуација кога Себ има освоено 11 трки, а Марк ниту една. За него една од најдобрите трки за победа е токму последната. Таа ќе го крене за претстојната зима и тоа ќе се одрази и в година“.
Хорнер смета дека најголемата лекција што треба Вебер да ја научи од 2011 е дека Фетел извонредно го подобри своето возење и оти Австралиецот ќе мора многу да напредува за да вле��е во битка со својот тимски колега како во минатата година.
„Себ функционираше на толку високо ниво годинава што му создаде голема задача на Вебер, кој мораше да се бори со тимски колега во феноменална форма, па оваа победа ќе му даде добар потстрек. Ова е негова прва победа по Унгарија минатата година, а заврши и трет во шампионатот. Се надевам дека сега малку ќе одмори, ќе ги наполни батериите зимово и ќе се врати посилен во 2012“, додава Хорнер.
Ред бул на најубав можен начин ја заокружи новата сезона на сопствена доминација во овој спорт со еден-два триумфот во Бразил. Таму Фетел и формално ја одбрани титулата, исто како и тимот на Хорнер.
Пласман на ГН на Бразил:
1. Марк Вебер (Австралија) Ред бул 1:32:17,464 ч. 2. Себастијан Фетел (Германија) Ред бул +16,983 сек. 3. Џенсон Батон (Велика Британија) Мекларен +27,638 сек. 4. Фернандо Алонсо (Шпанија) Ферари +35,048 сек. 5. Фелипе Маса (Бразил) Ферари +1:06,733 мин. 6. Адријан Зутил (Германија) Форс Индија +1 круг 7. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +1 круг 8. Пол ди Реста (Велика Британија) Форс Индија +1 круг 9. Камуи Кобајаши (Јапонија) Заубер +1 круг 10. Виталиј Петров (Русија) Рено +1 круг
Пласман на останатите: 11. Алгерсуари, 12. Буеми, 13. Перез, 14. Барикело, 15. Шумахер, 16. Ковалаинен, 17. Сена, 18. Трули, 19. Д’Амброзио и 20. Рикјардо. Се откажаа: Лиуци, Хамилтон, Малдонадо и Глок.
Конечен вкупен поредок на возачите: Фетел 392, Батон 270, Вебер 258, Алонсо 257, Хамилтон 227, Маса 118, Розберг 89, Шумахер 76, Зутил 42, Петров 37, Хајдфелд 34, Кобајаши 30, Ди Реста 27, Алгерсуари 26, Буеми 15, Перез 14, Барикело 4, Сена 2, Малдонадо 1, Де ла Роса, Трули, Ковалаинен, Лиуци, Д’Амброзио, Глок, Картикејан, Рикјардо и Чандхок без бодови.
Конечен вкупен поредок на конструкторите: Ред бул 650, Мекларен 497, Ферари 375, Мерцедес 165, Рено 73, Форс Индија 69, Заубер 44, Торо росо 41, Вилијамс 5, Лотус, Хиспанија и Вирџин без бодови.
|