28.11.2011, 13:57 Се бара статус на република за Војводина
Војводина и Србија се две држави, смета Драган Веселинов, професор на Факултетот за политички науки во Белград
Белград - Драган Веселинов, професор на белградскиот Факултет за политички науки, смета дека српската автономна покраина Војводина треба да добие статус на република, за што би требало да биде распишан и референдум.
„Парламентот на Војводина уште утре може да распише референдум. Владата на Војводина треба да изгради став и кога ќе бидат загрозени елементите на државноста на покраината, веднаш да истакне барања за република“, изјави Веселинов во обраќање на трибината на невладината организација „Војводински клуб“.
Според Веселинов, повеќе од 50 проценти од Србите во Војводина, како и големо мнозинство од останатите национални заедници, на референдум би ја поддржале идејата Војводина да стане република.
„Војводина и Србија се две држави. Во Војводина постои расположение за следен чекор во таа насока, но елитата молчи. На Војводина и' е потребна нова партија, партија за референдум, чија цел ќе биде Република Војводина“, нагласи Веселинов.
Веселинов беше министер за земјоделство на Србија во владите на Зоран Ѓинѓиќ и Зоран Живковиќ од 2001 до 2003 година, претседател на автономистичката партија Коалиција Војводина (КВ) и еден од лидерите на ДОС - Демократската опозиција на Србија.
|