21.11.2011, 15:06 Пешевски очекува повеќе инвестиции од Австрија и Германија
Вицепремиерот Владимир Пешевски очекува во наредниот период конкретни бизнис резултати од Австрија и Германија каде што владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од денеска ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.
Во т.н. роудшоу делагацијата од Македонија ќе ги посети стопанските комори на двете држави и ќе има директни средби со компаниите.
Пешевски, кој ќе биде дел од делегацијата, изјави за медиумите дека целта на посетите е да се поттикне интересот на австриските и германските инвеститори. Ќе бидат приведени при крај преговорите што се во понапредна фаза и ќе има директни преговори со компании чии имиња не ги откри поради договорите за доверливост.
- Во Австрија има задоволитен интерес за Македонија. Над 80 компании веќе имаат инвестирано во земјава. Од германските компании интересот е нешто помал, но во последен период, особено поради кризата, забележуваме тренд - компаниите со производствени капацитети бараат поевтини дестинации каде што можат да ги намалат трошоците. Македонија тука гледа шанса зашто претставуваме добра алтернатива за голем број држави. Очекувам конкретни резултати во наредниот период, рече Пешевски на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
|