23.11.2011, 12:47 Заканите по визната либерализација се неконструктивни
Притисоците од ЕУ врз земјите од Балканот да го прекршат фундаменталното право на своите граѓани да ја напуштат земјата се неконструктивни, смета комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг.
- Бројот на лицата кои ги напуштија нивните земји и побараа азил во ЕУ, тоа го направија по нивна лична инцијатива и поради реалната ситуација на физичка или економска несигурност. Тие сакаа да побегнат од неправдите или од сиромаштијата и неподносливата ситуација. Преголемата застапеност на Ромите меѓу нив е само одраз на реалната ситуација во регионот на Балканот, пишува Томас Хамарберг во својата последна белешка за човековите права во Европа, пренесува Дојче веле.
Во контекст на големиот број барања на азил и во актуелната клима на нетрпеливост кон мигрантите, не изненадува реакцијата на земјите од ЕУ кои побараа од земјите од Балканот да преземат конкретни мерки. Комесарот за човекови права, во својот документ го дава како пример одговорот на овие барања од страна на македонските власти.
- Владата на поранешната југословенска Република Македонија одлучи да го претвори во кривично ��ело ‘злоупотребата на режимот за визната либерализација во земјите од Европската Унија и Шенген зоната’. Таа исто така одлучи на присилно вратените лица, откако нивните барања за азил се одбиени, времено да им биде одземен пасошот, вели Хамарберг.
Појаснува дека вакви слични мерки донесоа и другите земји од регионот. Така лицата кои сакаат да патуваат во ЕУ мораат да ги објаснат причините за патувањето и да докажат дека можат да го финансираат својот престој и повратното патување. Ако нивните одговори бидат оценети како недоволни, тогаш нив може да им се забрани да отпатуваат.
Хамарберг го критикува рестриктивниот однос кон барателите на азил иако државите имаат легитимни овластувања за да ја регулираат имиграцијата. Правото на секоја индивидуа да ја напушти својата земја е воспоставено фундаментално право, гарантирано со Универзалната декларација за човековите права, Европската конвенција за човекови права и во уставите на балканските држави, потсетува комесарот за човекови права.
Томас Хамарберг заклучува дека ќе биде „поконструктивно“ подоброто дифузирање на информациите за правилата за право на азил во Шенген зоната, што не е случај, вели, со извршените притисоци врз владите од Балканот да ги „хипотекираат“ фундаменталните права на своите граѓани да ја напуштат нивната земја, односно со заканите дека целиот процес на визната либерализација може да биде преиспитан.
|