25.11.2011, 15:32 Француска новинарка силувана во Каиро
Каролин Синз тврди дека била нападната од толпа млади луѓе на една улица што води од плоштадот „Тахрир“
Новинарката Каролин Синз, која работи за третиот канал на француската национална телевизија Франс 3, тврди дека била тепана и била жртва на сексуален напад во Египет
Новинарката и нејзиниот камерман Салах Аграби прво биле нападнати од толпа млади луѓе на една улица што води од плоштадот „Тахрир“ до Министерството за внатрешни работи во Каиро.
„Ние бевме нападнати од толпа млади луѓе. Јас бев тепана од толпа млади луѓе кои ја кинеа мојата облека и ме допираа на начин што се совпаѓа со дефиницијата за силување“, изјави новинарката.
Откако и' била дадена помош и била извлечена од толпата, таа се вратила во хотелот и била згрижена од Француската амбасада во Каиро.
Ова е трет напад врз новинарки во Египет. Прво, во февруари, американската новинарка на Си-Би-Ес, Лара Логан, беше нападната на плоштадот „Тахрир“ од стотина демонстранти. Во четвртокот, американско-египетската новинарка Мона ал Тахави беше уапсена на плоштадот „Тахрир“, по што тврдеше дека била жртва на насилство и на сексуален напад додек�� била задржана во полиција.
Организацијата „Репортери без граници“, во соопштение објавено веднаш по обелоденувањето на веста за нападот врз француската новинарка, со жалење ги повика редакциите да прекинат да праќаат новинарки во Египет.
Според „Репортери без граници“, од почетокот на новиот бран на протести во Египет, на 19 ноември, регистрирани се петнаесетина напади врз новинари.
|