24.11.2011, 15:16 Квалитетот на воздухот во Скопје опасен за здравјето
Граѓаните на Скопје да го сведат на минимум престојот на отворено, а хронично болните да се придржуваат до препораките од лекарите поради нарушениот квалитет на амбиенталниот воздух на подрачјето на градот, препорачува Град Скопје.
Индексот на квалитетот на воздухот според измерените вредности во центарот на Скопје околу пладне изнесува 410, а секоја вредност на индексот над 300 е опасна за здравјето на луѓето.
- Квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на градот е нарушен поради надминување на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (РМ10), што е резултат на загадувањето на воздухот и стабилната временска состојба со магла, карактеристична за скопската котлина во зимски услови, којашто не дозволува дистрибуција на загадувачките материи, соопштуваат од Град Скопје.
Појаснуваат дека покачувањето на концентрациите на РМ10 во урбаните средини е карактеристично за зимскиот период, како резултат на процесите за затоплување на домовите и сообраќајот, но се должи и на минималното струење на ветрот, маглите и температурните инверзии, поради што загадувачките материи не се дисперзираат и остануваат на местото на создавање.
Градот Скопје во рамки на своите надлежности презема перманентни мерки во насока на заштита на амбиентниот воздух.
|