21.11.2011, 13:18 Изграден нов дијагностички центар во битолската болница
Завршена е реконструкцијата на вкупно 1.000 квадратни метри корисна површина
Битола - Битолската клиничка болница е топ подготвена да го пречека министерот Никола Тодоров. За разлика од Штип, во Битола Тодоров ќе има што да види. Болницата не само што успеа да реконструира дел од болничките одделенија, туку и да изгради нов дијагностички центар за новата медицинска опрема.
Раководството се пофали дека завршиле градежните работи на дијагностичкиот центар и на реконструкцијата на околните простори со вкупна корисна површина од околу 1.000 квадратни метри. Средствата ги обезбедиле од буџетот на болницата и од донации. Во просториите е сместена и ставена во функција и новата софистицираната медицинска опрема донирана од Владата.
„Станува збор за магнетна резонанца од 1,5 Тесла, 64 слајсен компјутерски томограф и литотриптор, сите произведени од ’Сименс‘ и нова интензивна коронарна единица со мониторинг систем. Исто така, тука е сместен и коронарографот ’Филипс Алура‘ кој меѓу граѓаните е попознат како апаратура за стентирање при срцеви инфаркти“, рече Јованка Бектешоска, директор на Клиничка болница Битола.
За новата опрема болничкиот кадар е на нова обука. Неколку месеци на Клиниката за кардиологија во Скопје се обучува тим од 6 специјалисти интернисти, а деновиве ќе пристигнат и неколку тимови од „Сименс“ и „Филипс“ кои ќе работат со битолските лекари и техничари на усвојувањето на новите дијагностички и терапевтски процедури.
Откако персоналот ќе ги стекне сите вештини за раководење со новата опрема, новиот простор и опремата ќе бидат и официјално пуштени во употреба“, најави Бектешоска. (А.Б.)
|