22.11.2011, 12:22 Ѓоковиќ се извлече, Мари не
Србинот го сврте мечот со Бердих во Лондон, повредениот Британец поразен од Ферер
Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ се изнамачи за победата над Томаш Бердих во својот прв меч на „АТП вордл тур фајналс“. Шансите на Енди Мари, пак, да триумфира на завршниот тениски турнир во сезоната не изгледаат големи откако повредата на ципите придонесе за шокантниот пораз од Давид Ферер.
Ѓоковиќ, кој дојде во Лондон со прашалници во врска со неговото десно рамо, ги покажа сите квалитети што го направија доминантна сила годинава, извлекувајќи се од проблемите и на крајот триумфирајќи со 3-6, 6-3, 7-6, откако спаси меч-топка при крајот на решавачкиот сет. Мари, во голема форма по Ју-Ес опен што наведе многумина да типуваат на него за титулата во Лондон, по поразот од 6-4, 7-5 од Шпанецот Ферер го очекува тешка задача за да се пласира во полуфиналето, ако воопшто може да го продолжи настапот на турнирот. Британецот на возраст од 24 години изјави дека бил „уништен“ по повредата што ја доби додека се подготвуваше за последниот турнир сезонава, која му правеше проблеми за време на двочасовниот дуел полн со грешки.
„Ако не стануваше збор за гренд-слем или за турнир од ваков ранг, немаше да настапам“, вели Мари, кој никогаш претходно немаше загубено од Ферер на друга подлога освен на омилената земја на Шпанецот. Тој не го криеше задоволството од својата прва победа на овој турнир.
„Сметам дека е важно да се почне со победа. Мислам дека тој имаше проблеми, но не толку големи, бидејќи го одигра целиот меч“, изјави 29-годишниот Ферер, кој беше поразен во сите пет претходни дуели со Шкотланѓанецот на тврда подлога.
За разлика од театарската атмосфера во арената „О2“ со оглед на мачењето на Мари на теренот, во ноќната сесија ја наелектризираа 17.500 гледачи, многумина од нив веејќи српски и чешки знамиња во арената што ќе биде домаќин на ова натпреварување до 2013 година.
Откако ги загуби првите четири гема, Ѓоковиќ постепено се враќаше во игра, иако и во решавачкиот сет „висеше“ при 4-2 за противникот пред на Бердих конечно да му снема „муниција“.
„Ова ми беше најтешкиот меч од Ју-Ес опен наваму“, изјави Ѓоковиќ, кој освои три гренд-слем турнири годинава и го презеде првото место на АТП-листата од Рафаел Надал. „Не сум многу задоволен од мојата игра, но победа си е победа“.
И покрај залепената сина лента преку своето рамо, Ѓоковиќ изјави дека не чувствувал болки од повредата што го принуди да се повлече од Мастерсот во Париз месецов.
„Нешто поради кое сум среќен е мојата состојба. Не почувствував никаква болка во рамото. Исцрпен сум поради тоа што мечот траеше три часа, но се чувствувам физички подготвен“.
Откако го израмни резултатот со серија асови на крајот од вториот сет, Ѓоковиќ повторно се најде на маки во третиот, кога со двојна сервис-грешка му овозможи меч-топка на Бердих при водство од 6-5. Но, тенденцијата на Чехот да киксира во клучни моменти и овој пат го зеде данокот кога неговиот форхенд заврши во мрежата. Со уште неколку непрецизни форхенди во тај-брејкот само му помогна на Србинот да слави по два часа и 38 минути игра.
„Можеби премногу ризикував на меч-топката, но таков е мојот стил на игра“, изјави Бердих, кој денеска треба да се сретне со Мари. „Тоа беше мојата шанса да го завршам мечот“.
|