23.11.2011, 14:30 Федерер го здроби Надал
Швајцарецот препушти само три гема, сите во првиот сет и прв се пласира во полуфиналето во Лондон.
Бранителот на трофејот Роже Федерер одржа едночасовна демонстрација на тенис од соништата, декласирајќи го Рафаел Надал со 6-3, 6-0 на „АТП ворлд тур фајналс“ во Лондон и си обезбедци место меѓу четворицата најдобри, иако му останува уште дуелот со Марди Фиш во рамките на групата. Околу 17.500 гледачи на исполнетите трибини на арената „О2“ очекуваа нешто подолго од долго најавуваниот 26. судир на лутите ривали, но 60. волшебни минути во изведба на Федерер ќе бидат присутни уште долго во нивното сеќавање. Истрелувајќи винери во сите агли на теренот, освојувачот на 16 гренд-слем титули беше, едноставно, незапирлив, забележувајќи ја својата најубедлива победа против човекот од кој има изгубено 17 пати во претходните меѓусебни тениски пресметки.
„Оваа победа е од висок ранг, бидејќи е остварена против мојот, веројатно, најголем ривал“, им кажа Федерер на известувачите. „Тоа беше голем меч за мене од почетокот до крајот. Ја почувствував моќта на Рафа во минатото и оттаму ова е голем меч за мене и прекрасна победа“.
Вториот светски рекет Надал сега се соочува со судир на се или ништо ��о Жо-Вилфрид Цонга во последното коло од групата Б денеска, откако опасниот Французин во свој стил славеше против Американецот Марди Фиш со 7-6, 6-1 и остана во игра за полуфиналето.
Феноменалниот настап на Федерер го омекна разочарувањето на домашната публика и на организаторот по повлекувањето на Енди Мари од турнирот поради повредата на ципите. Светскиот рекет број три објави дека се откажува поради обновувањето на повредата за време на својот прв меч од групата А во понеделникот, кога беше поразен од Шпанецот Давид Ферер. Деветтиот на АТП-листата, Србинот Јанко Типсаревиќ, како прва резерва ќе го замени Мари во преостанатите два меча од групата, од кои еден и против сонародникот Новак Ѓоковиќ.
|