25.11.2011, 20:37 (ФОТО) Со поезија осветен Музејот на македонската борба
Во Музејот на македонската борба по повод 50 годишното постоење на Струшките вечери на поезијата, денеска беше отворена првата филателистичко-букистичка изложба.
Катерина Богоева
ФОТО: Киро Попов
На изложбата оваа меѓународна манифестација беше презентирана преку филателијата, преку дел од издадените книги, преку фотографии, значки, плакети, симболи, минијатури и др.
Автор на изложбата е колекционерот Зоран Стрезоски, син на Јован Стрезовски, еден од оснивачите на манифестацијата. Зоран е колекционер кој во младоста пишувал поезија, економист по професија, а во собирањето на вредниот материјал како што и самиот нагласи, голем удел имал и неговиот татко.
Изложбата ја промовираше Веле Смилевски, претседателот на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, по што сопствени стихови поезија на македонски јазик читаа поетите: Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Светлана Христова Јоциќ, Тодор Чаловски, Паскал Гилевски, Ефтим Клетников, Раде Силјан, Зоран Анчевски, Александар Поповски, Олга Арбулјевска, Љерка Тот Наумова и Фима Клетникова. Поетот Илхами Емин читаше пес��а на турски и македонски јазик, Ресул Шабани на албански и македонски, а поетот Димо Димчев на влашки и македонски јазик.
„Изложеното е само еден мал дел од она што го поседувам, а е поврзано со Струшките вечери на поезија. Бевме лимитирани во презентацијата на материјалот поради помалиот број на обезбедени витрини, а ни беа ветени повеќе. Во делот од издавачката дејност прикажавме само мал дел, околу 150 -160 изданија, а јас поседувам четири пати повеќе", изјави Зоран Стрезовски.
Директорот на Музејот на македонската борба, Бранислав Светозаревиќ читањето поезија го нарече духовно осветување на конференциската музејска сала и му се заблагодари на Бога што токму оваа изложба, посветена на 50 годишниот јубилеј на Струшките вечери на поезија, што ќе биде отворена до 27 ноември е првата културна манифестација одржана во музејот.
|