21.11.2011, 12:36 Австрискиот „Лурд“ победник на „Синедејс“
Австрискиот филм „Лурд“ по режија и сценарио на Џесика Хауснер ја освои наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм на јубилејното 10. издание на фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ кој заврши вчеравечер.
Вака одлучи жирито во состав Нил Јанг, филмски критичар од Велика Британија, хрватскиот режисер Огнен Цвиличиќ и нашиот млад режисер Дарјан Пејовски.
Навистина беше тешко да се избере еден филм. Еден од моите колеги рече дека „Лурд“ е комплетен филм. Тој потсетува дека филмот понекогаш може да направи чуда – рече Јанг.
Филмот на Хауснер ја освои и наградата „Плава ѕвезда“ за најдобро сценарио, а актерката Силвие Тестуд ја освои наградата за најдобра женска улога.
Наградата „Сребрена ѕвезда“ за најдобар режисер во официјалната селекција ја доби чешкиот режисер Васлав Кадринка за филмот „Осумдесет писма“, а актерот Мартин Павлуш ја освои наградата за најдобра машка улога.
„Златно сонце“ за најдобар балкански филм ја освои бугарскиот филм „Тилт“, кандидат за номинација за „Оскар“, на режисерот Виктор Чучков. Наградата му ја врачи директорот на Филмскиот фонд на Македонија, Дарко Башевски. Филмот од понеделник ќе се прикажува на редовен репертоар на киното „Милениум“.
Чест ми е што наградата доаѓа од Скопје од каде што потекнува моето семејство. Му благодарам на жирито – рече Чучков.
Бугарскиот режисер ја прими и наградата за најдобра фотографија во име на Рали Ралчев за неговата работа на филмот „Тилт“.
Посебно признание за сценарио освои словенечкиот режисер Нејц Газвода.
|