22.11.2011, 13:50 Почина сопругата на Митеран
Како прва дама на Франција ги избегнуваше блескавите приеми во Елисејската палата, и се посвети себеси на работа на човековите права
Даниел Митеран, вдовицата на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран почина на 87-годишна возраст. Г-ѓа Митеран почина во болницата „Жорж –Помпиду“ во Париз откако во петокот беше довезена со влошена здравствена состојба, објави француската новинска агенција АФП. Таа почина вчера во два часот изутрина, неколку денови откако беше ставена во вештачка кома.
Франсоа Митеран ја предводеше Социјалистичката партија и служеше два мандати како претседател на Франција од 1981 до 1995 година. Хероината на отпорот и хуманитарка, Даниел Митерал никогаш не беше задоволна со декоративна улога на традиционална француска прва дама, според АФП.
Без разлика дали ги поддржуваше Курдите или талибанците, или кубанскиот лидер Фидел Кастро, ја застапуваше идејата за правична поделба на водните ресурси или го осудуваше ропството, многубројни беа каузите што таа жестоко ги бранеше, објави агенцијата.
Родена како Даниел Гуз во источниот град Вердун, му се приклучува на отпорот во 1940 година како болничарка на само 17 години, кога германските сили окупираа поголем дел од Франц��ја. На 27 октомври 1944 година се мажи за Франсоа Митеран, исто така член на отпорот, со кого се запознава кога тој бега од Гестапо. Двојката имаше два сина, Жилбер и Жан-Кристоф.
По изборот на претседателот Митеран во 1981 година, АФП објави дека таа преферира да ги избегнува блескавите приеми во Елисејската палата, и се посвети себеси на работа на човековите права. Франсоа Митеран почина од рак во 1996 година, но неговата вдовица ја продолжи својата политичка и хуманитарна работа за подобрување на човековите права. Организацијата што таа ја основаше во 1986 година, „Франс-Либерте“ во октомври ја прослави својата 25-годишнина. (Би-Би-Си)
|