22.11.2011, 15:01 Разурнатиот град Ван ќе се сели на друга локација
Турскиот министер за животна средина и за градежништво Ердоган Бајрактар има намера на ново, постабилно место да го премести од земјотреси разурнатиот градот Ван, пренесе електронското издание на весникот „Хуриет дејли њуз“.
Овие намери Бајрактар ги кажа во неделата на прес конференција заедно со вицепремиерот Бешир Аталај и министерот за труд и социјална безбедност Фарук Челик.
Новоизградениот Ван се планира да се гради во полињата на планината Ерек, во селото Кевенли и на други места, каде земјата е постабилна и скалеста.
Во центарот на градот ќе бидат изградени административни згради и болници. Јавните згради наменети за технички цели, меѓутоа, ќе се наоѓаат надвор од централниот дел, прецизира министерот.
Предлозите се темелат на истражување на тлото, посочи Бајрактар, додавајќи дека избраниот терен е речиси целосно во сопственост на државата.
„Во новиот град зградите нема да бидат на повеќе од четири ката“, додаде министерот.
Земјотрес со магнитуда од 7,2 степени според Рихтер на 23 октомври го растресе округот Ван. На 9 ноември нов потрес со јачина од 5,6 степени се додаде на страдањето на луѓето од овој регион, причинувајќи нови жртви �� разурнувања. Во двата потреса загинаа 644 лица, а 2.000 згради беа разурнати.
|