25.11.2011, 11:11 Цонга го исфрли Надал од Мастерсот во Лондон
Французинот со извонредна игра го порази светскиот рекет број 2 со 7:6, 4:6, 6:3 и се пласираше меѓу четирите најдобри.
Жо-Вилфред Цонга се пласираше во полуфиналето на завршниот турнир во Лондон со вкупен награден фонд од 2.227.500 евра.
Французинот со извонредна игра го победи светскиот рекет број 2, Рафаел Надал со 2:1 во сетови (7:6, 4:6, 6:3).
На тој начин Цонга го освои второто место во прелиминарната група Б, каде лидер со три победи од три натпревари е Роџер Федерер.
Дуелот започна со нагласено предност на сервисот, во првиот дел до брејк не дојде, а во тајбрејкот Французинот беше поконцентриран и го доби со 7:2.
Во вториот сет, сепак Рафа покажа шампионски дух, значително го подигна нивото на играта, особено на свој сервис, трпеливо го чекаше својот момент и во десеттиот гем го нанесе решавачкиот удар, освојувајќи гем на сервис на Цонга за 6:4.
Последниот сет сепак започна како кошмар за "Ел Торо", кој допушти брејк на самиот почеток и му ја препушти иницијативата на својот противник, а во тие минути веќе изгледаше и малку уморен.
Од другата страна на мрежата Французинот леташе по теренот, обезбеди и втор брејк и точно кога имаше можност да сервира за победа, му попуштија нервите и му овозможи на Надал да врати еден од брејковите и да остане во натпреварот.
Сепак ни Рафа веќе неможеше да направи ништо повеќе и на свој сервис му дозволи уште еден брејк на Цонга, со што натпреварот заврши со конечна победа за Французинот и пласман во полуфиналето.
Денес на програмата се натпреварите од последното коло од А групата: Новак Ѓоковиќ - Јанко Типсаревиќ и Томаш Бердих - Давид Ферер по кои ќе се знаат двојките во полуфиналето на финалниот Мастерс во Лондон.
|