28.11.2011, 13:15 Попоски во посета на Европскиот парламент
Министерот за надворешни работи Никола Попоски утре во Брисел ќе има обраќање пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во пресрет на објавувањето на нацрт-текстот на Резолуцијата за напредокот на Македонија во 2011 година.
Како што соопшти МНР, Попоски ќе побара поддршка од европратениците за реализација на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори со Македонија. Во своето излагање тој ќе ги презентира постигнувањата во однос на критериумите за членство на Македонија во изминатата година, како и активностите на Владата преземени по објавувањето на годинашниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.
Во рамките на посетата на Европскиот парламент, министерот Попоски ќе има средба со потпретседателот Ласло Токеш, како и со повеќе европратеници.
За време на посетата на Брисел, шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со еврокомесарот за меѓународна соработка, хуманитарна помош и справување со кризи Кристалина Георгиева и со директорот во Европската служба за надворешна акција Мирослав Лајчак.
Првиот македонски дипломат ќе настапи и на Самитот за Балка��от на високо ниво во организација на фондациите Пријатели на Европа, Конрад Аденауер и ЕУ40, на кој се очекува да учествуваат и високи претставници на ЕУ, министри за надворешни работи, европратеници и реномирани меѓународни аналитичари.
|