29.11.2011, 12:02 Американскиот потпретседател ќе ги посети Турција и Грција
Американскиот потпретседател Џо Бајден кон крајот на оваа и почетокот на идната недела ќе престојува во посета на Турција и Грција, објави грчкиот весник „Етнос“
Според весникот, Бајден на 2 декември ќе допатува во Анкара каде ќе има средби со највисоките турски државни и владини претставници, на кои ќе стане збор за билатералните односи и соработка и за најновите настани во регионот, пред се во Сирија.
Од Анкара Бајден ќе отпатува во Истанбул каде ќе учествува на Меѓународен бизнис форум.
По завршувањето на посетата на Турција, според „Етнос“, Бајден ќе допатува во Атина, каде ќе се сретне со грчкиот претседател Каролос Папуљас, со премиерот Лукас Пападимос и со лидерите на двете најголеми партии во земјата - Јоргос Папандреу од ПАСОК и Андонис Самарас од Нова демократија.
За време на разговорите во Атина се очекува да стане збор за грчко-американските односи, за прашања од грчки интерес (кипарскиот проблем, спорот околу името на Македонија и верските слободи поврзани со Вселенската патријаршија во Истанбул), за економската криза, како и за регионалните проблем��, наведува „Етнос“.
Советникот за национална безбедност на Бајден, Тони Блинкен во изјава за весникот наведува дека САД ги поддржуваат напорите на Грција за исполнување на обврските преземени пред Европската унија и Меѓународниот монетерен фонд околу спроведувањето на реформите за излез од кризата.
- САД цврсто стојат зад пријателската и сојузничка земја Грција во овие тешки времиња, изјави Блинкен. додавајќи дека ваквата поддршка ќе ја повтори и Бајден при посетата на Атина.
|