30.11.2011, 11:07 Владин тим ги презентира инвестициските можности во Јапонија
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Токио што го организираше Јапонската надворешна трговска организација, ги претстави можностите и поволностите за инвестирање во Македонија.
Пред бизнис заедницата на Јапонија беа презентирани постигнувањата во македонската економија, поволностите што се нудат во технолошко-индустриските развојни зони, како и потенцијалите за инвестирање во повеќе области.
Во рамки на посетата беше реализирана средба и со претседателот на Јапонската надворешна трговска организација Хидехиро Јоко.
Премиерот Груевски се сретна и со јапонскиот принц Нарухито што е прва средба на македонски премиер со висок претставник на јапонското царско семејство.
Претседателот на македонската Влада во Токио треба да се сртене и со јапонскиот премиер Јошихико Нода, што исто така е прва средба на премиерска ниво од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји на 1 март 1994 година.
Во седиштето на Јапонската меѓународна агенција за соработка (ЈИЦА), Груевски ќе има состанок со претседателот на Јапонската меѓународна агенција за соработка Садако Огата, на која се очекува да стане збор за досегашната соработка, како и за можностите за идни заеднички проекти.
Покрај Токио, владината делегација ќе ја посети и Осака каде што во соработка со Јапонската надворешна трговска организација, ќе се организира уште еден бизнис форум на кој заинтересираните јапонски компании ќе имаат можност да дознаат повеќе за поволностите за инвестирање во Македонија.
Покрај премиерот Груевски во состав на владината делегација се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.
|