30.11.2011, 14:44 „Подобрување на економскиот потенцијал, идентификување на идните извори на раст“
Македонија во последните 10 години постигна многу од аспект на реформите, но остануваат уште многу предизвици особено на политички и економски план, порачаа високите европски претставници на денешната конференција
ФОТО: Киро Попов
„Земјата се уште не го исполнува критериумот на функционална пазарна економија и конкурентност. И по 20 години стапката на невработеност е висока, сивата економија учествува со речиси 20 отсто во БДП, недоволно развиен е финансискиот сектор, странските директни инвестиции се на ниско ниво без јасни знаци на нивно постојано зголемување, нема совпаѓање на образованието со барањето на пазарот на труд“, рече Александра Кас Грање од Директоратот за проширување на ЕК.
Сепак, додаде, макроекономската политика мудро се води, а фискалната е ориентирана кон стабилност.
Македонската Влада, како што нагласи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, сите забелешки на Европската комисија ги зема предвид максимално сериозно и добронамерно гледа на нив.
„Неспорно е дека има потреба од натамошни чекори. Продолжуваме посветено да работиме на реформите. Убедени сме дека Македонија во брзо време целосно ќе ги исполни економските критериуми“, рече Пешевски, потенцирајќи дека во ова време на криза Македонија, за разлика од голем број држави во ЕУ, ја задржа својата макроекономска стабилност и направи многу реформи.
Пешевски го искористи учеството на конференцијата за да упати апел до Европскиот совет на својот следен состанок во Брисел да го отвори патот кон заокружување на македонскиот интеграциски процес и да донесе одлука за премин на земјава во вторта фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
„Со донесувањето таква одлука ЕУ уште еднаш формално ќе ја потврди искреноста на својата посветеност и заложба за целосна интеграција на Република Македонија во европското семејство“, нагласи вицепремиерот Пешевски.
|