01.12.2011, 10:03 Министерот Попоски на конференција на Франкофонијата во Париз
На Конференцијата, претставниците на 56-те земји-членки на Франкофонијата ќе разговараат за актуелните настани во одделни франкофонски земји кои се наоѓаат во кризна состојба или во состојба на излез од криза
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска и утре ќе учествува на Министерската конференција на Франкофонијата, што се одржува во Париз.
На Конференцијата, претставниците на 56-те земји-членки на Франкофонијата ќе разговараат за актуелните настани во одделни франкофонски земји кои се наоѓаат во кризна состојба или во состојба на излез од криза, како и за реетаблирање на демократијата во тие земји. Ќе се разговара и за текот на подготовките на 14-от Самит на Франкофонијата што треба да се одржи во 2012 година во Киншаса, ДР Конго, а ќе се презентира и Извештајот од неформалниот Министерски состанок што се одржа во Њујорк на 20 септември оваа година, на кој учествуваше и министерот Попоски.
Во рамките на Министерската конференција ќе се одржи и церемонија со која ќе се одбележи 50-годишнината од постоењето на Универзитетската агенција на Франкофонијата.
На маргините на конференцијата, министерот Попоски ќе оствари повеќе билатерални средби со свои колеги од земјите-членки на Франкофонијата.
|