01.12.2011, 12:41 Почна акцијата за собирање отпадни батерии
ФОТО: Киро Попов
Симболично денеска почна акцијата за собирање отпадни батерии што ја органзира Шведската амбасада во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и повеќе невладини организации.
Во маркетите на Тинекс, Веро, Рамстор и Кам во Скопје, Тетово и во Куманово од денеска поставени се кутии во кои граѓаните во текот на овој месец ќе може да ги остават старите батерии.
Според амбасадорот на Шведска, Ларс Валунд, улогата на шведската амбасада и партнерите е да го поттикнат процесот на собирање батерии и во креирањето соодветен систем.
- Се надеваме дека ова не е еднократен процес, туку нешто што ќе биде одржливо, рече Валунд, нагласувајќи дека батериите содржат токсични материјали, како олово, жива, кадмиум и литиум и кога е празна батеријата ги испушта овие течности кои се штетни за почвата и здравјето на луѓето.
Тој посочи дека кампањата за собирање стари батерии ги вклучува сите чинители – државата, општините, компаниите и сите граѓани.
Душко Христов од невладината „4х4х4 Балкански мостови“ информира дека собраните батерии ќе бидат однесени во фирмите „Иво трејд“ во Штип и „САБ Весна“ од Пробиштип, а потоа ќе се извезуваат во Австрија и во западно европските земји.
Истражувањата на „4х4х4 Балкански мостови“, според Христов, покажуваат дека 11 отсто од граѓаните во Македонија не ги фрлаат батериите, 24 отсто ги фрлаат секаде, а останатите во контејнери.
- Во македонските домаќинства има над 200 тони батерии годишно. Според направеното истражување во Охрид и Струга има над 500 илјади далечински управувачи, а во секој има по две батерии, што значи има еден милион батерии само во овие два града.
Од 1 јануари идната година во Македонија ќе почне да се спроведува Законот за отпадни батерии.
|