02.12.2011, 12:52 Македонија како порта за водење јапонски бизнис во европски рамки
Можностите за инвестирање во Македонија првпат презентирани пред Јапонската бизнис заедница во Осака.
Земјоделството, производството на храна и на добро вино, производството на автомобилски делови и нискиот данок на добивка од 10 отсто за разлика од високите даноци во Јапонија се најзабележаните сектори по кои е позната Македонија, според директорот на Јапонската надворешна трговска организација (ЈЕТРО) за Осака Сузуки Јацуши.
На вториот бизнис форум организиран од владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски во соработка со ЈЕТРО пред претставници од повеќе јапонски компании од регионот на Осака беа претставени инвестициските можности што ги нуди Република Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.
Македонија, како што истакна директорот на ЈЕТРО, во изминатите неколку години ги има унапредено деловните процедури и денес се наоѓа на 22-то место на листата на Доинг Бизнис, на Светска Банка, додека Јапонија се наоѓа на 20-то место на таа листа.
Премиерот Груевски, како што соопшти владината прес-служба, во своето обраќање пред присутните ја истакнал длабоката почит за силната колективна работна етика и иновативната генијалност на Јапонија, преку која вредната и интелигентна јапонска нација успеа да ја создаде третата најголема економија во светот.
- Република Македонија во изминативе неколку години за многумина се издигна во едно од најпријатните изненадувања и еден од најпозитивните економски примери во Европа, нагласи Груевски.
Според соопштението, тој истакнал дека потврда за добрите резултати дојде од Светската Банка која преку листата на Доинг Бизнис неколку години по ред ја става Македонија на врвот на листата топ реформатори и поволни бизнис дестинации, а во нивниот последен извештај за 2012 година, Македонија продолжува да се движи напред и е рангирана на 22 место на генералната листа, што е подобро рангирање од 19 од вкупно 27 земји членки на ЕУ. Македонскиот рејтинг се проценува како стабилен и со позитивни перспективи и во неодамна објавениот извештај од кредитната агенција Фич во време кога оваа агенција го намали рејтингот на повеќе од 10 европски земји, што е уште еден показател дека Фич ја разликува Македонија и нејзините политики во споредба со другите земји. Според Груевски, ова е резултат на посветеноста и фокусираноста на македонската Влада на постојана работа за подобрување на бизнис климата и условите за работа, како за домашните, така и за странските компании.
- Нашата цел е постигнување економски раст, развивање на приватниот сектор и отворање нови работни места и затоа напорно работиме за да овозможиме поволни услови за компаниите да го оплодат својот капитал и да постигнеме двострана корист, како за раководството на фирмите, така и за животниот стандард на граѓаните на Република Македонија, рече Груевски.
Во своето излагање, премиерот посочи дека е постигнат значаен напредок во либерализацијата на пазарот со воведување на еднострано намалување на царините, кои често ги надминуваат барањата на Светската трговска организација, со укинување на многу ограничувања за меѓународната трговија и модернизирање на царинската администрација, при што денес Република Македонија е потписничка на три мултилатерални спогодби за слободна трговија кои овозможуваат пристап до база на корисници која брои шестотини и педесет милиони потрошувачи.
- Еден од најважните предизвици на владината политика е да се обезбедат образовни можности за македонските граѓани кои се потребни за новото време. Македонија значително ги зголеми буџетските распределби за образованието до ниво од шест проценти од БДП, го прошири пристапот до високото образование, особено за техничките науки и значително ја зголеми употребата на компјутери и интернет во јавните училишта и универзитетите, додаде Груевски.
Тој нагласи дека достапната високо квалификувана работна сила беше една од причините која ги привлече Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Текнохозе, Протек Груп, Мадерсон Груп, Сосиете Женерал, Алианс Уан, Аустриа Телеком, Лакталис, Телеком Словенија и многу други во Република Македонија.
Преку имплементацијата на низа структурни и институционални реформи, претседателот на Владата посочи дека се поддржува растот и ефикасноста, се поддржуваат инвестициите кои водат кон динамична пазарна економија, што од своја страна дава флексибилност за структурните промени кои и се потребни на Република Македонија за да успее на меѓународниот пазар и да се прилагоди кон предизвиците што ги носи пристапувањето кон Европската унија.
На бизнис форумот, како што стои во соопштението, своја презентација имаше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој зборуваше за постигнувањата и стабилноста на макроекономски план, за реформите во даночниот систем, катастарот и централниот регистар, како и за инвестициските можности кои ги нуди Македонија во делот на инфраструктурата и енергетиката. Тој посебно го истакна ниското ниво на државен долг од 26 отсто што ја става Македонија во поповолна состојба во делот на јавниот долг споредено со поголемиот дел од европските земји кои се соочуваат со должничка криза.
Свои економски презентации имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо кои во детали ги запознаа јапонските бизнисмени со деловното опкружување и компаративните предности во повеќе области што Македонија ги нуди како атрактивна инвестициска дестинација.
Со овој бизнис форум во Осака завршува посетата на владината делегација предводена од премиерот Груевски на Јапонија. Во нејзини рамки претседателот на Владата оствари средба со неговото царско височество крунскиот принц Нарухито, со премиерот на Јапонија Јошихико Нода и со други владини претставници, а се организираа и два бизнис форуми во Токио и Осака.
|