04.12.2011, 11:36 Судот во Хаг утре ќе се изјасни по тужбата на Македонија против Грција
Меѓународниот суд на правдата во Хаг утре ќе ја објави пресудата по тужбата што ја покрена Македонија против Грција за прекршување на Привремената билатерална спогодба од 1995 година, со блокирањето на македонскиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година.
На изнесувањето на пресудата ќе присуствуваат поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој ја застапува Република Македонија во процесот, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во својство на ко-застапник, и македонскиот амбасадор во Кралството Холандија Никола Димитров. Во тимот што ја застапува Македонија пред МСП се и четворица професори по право од Лондон, Вашингтон, Брисел и Сорбона, како и двајца нивни колеги од Правниот факултет при УКИМ.
Македонија, како што истакнаа нејзините правни застапници за време на процесот во Хаг, бара од Судот да утврди оти на Самитот во Букурешт во април 2008 година Грција го повредила членот 11 од Времената спогодба, односно дека приговорила на упатувањето покана на Република Македонија за членство во Алијансата во услови кога ќе и се обраќаат под привремената референца. Од Судот се бара и да и наложи на Атина да ги почитува своите обврски предвидени со Привремената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации.
Атина пак, ја базираше одбраната на тоа дека на Самитот во Букурешт немало вето, туку консензус меѓу земјите-членки приемот на Македонија во НАТО да се одложи до решавањето на спорот за името. Грчката страна, исто така побара Судот да се прогласи за ненадлежен за решавање на овој случај.
Застапници на грчката страна пред Судот се амбасадорот на Грција во Холандија Јоргос Саваидес и Марија Телалијан правен советник во грчкото Министерство за надворешни работи. Во грчкиот тим се и неколку странски професори.
Судот кој одлучува по жалбата на Македонија го сочинуваат 15 судии од целиот свет и во него нема судии од Македонија и од Грција. Двете страни во спорот имаат именувано по еден ад-хок судија. Македонската страна ја претставува судијата од Хрватска Будислав Вукас, а грчки ад хок судија е професорот по меѓународно право на Универзитетот од Атина, Емануил Рукунас.
Апликацијата пред Меѓународниот суд на правдата против Грција, Македонија ја поднесе во ноември 2008 година неколку месеци по самитот на НАТО во Букурешт. Следеа два обемни писмени поднесоци, односно меморандуми, на кои грчката страна приложи меморандуми – одговори. Судот се повлече да одлучува по тужбата по усната расправа што се одржа во месец март, годинава.
По презентацијата на македонските аргументи и грчкиот противодговор судијата Бенуна, еден од 15-те судечки судии, постави дополнително прашање до грчката страна која беше позицијата изнесена од Грција во контактите со другите земји-членки, во однос на зачленувањето на Република Македонија во Алијансата во перидот пред и на Самитот на НАТО во Букрешт. Македонија не доби дополнително прашање.
Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот и во огромен процент тие се испочитувани.
|