02.12.2011, 12:11 Разговорите Белград - Приштина без договор
Новата рунда од разговорите меѓу Белград и Приштина заврши синоќа без договор за административните премини и регионалното претставување на Приштина. Засега не се знае кога ќе продолжат разговорите, изјави за Танјуг шефот на белградскиот тим Борко Стефановиќ.
- За жал, и по 12 часа тешки разговори, не успеавме да направиме договор за административните премини ниту за регионалното претставување на Приштина, изјави тој. - Остануваме подготвени за продолжување на разговорите, но во овој момент не може да се каже кога ќе се случи тоа, додаде Стефановиќ.
Според него, српската делегација предложила голем број можности, опции и модалитети во согласност со Уставот на Србија и резолуцијата 1244, но проблем е што на Приштина „од некакви причини им пречи резолуцијата 1244 иако во некои други прилики се повикуваат на неа“.
Како што објасни, за премините, приштинската делегација побарала тоа „да се забетонира и таму да стојат симболи на Приштина“, а голем проблем е што не се подготвени да дозволат преминување на возила со таблици од косовски градови издадени од Србија. Стефановиќ наведе дека приштинската делегација немала слух за пред��озите на белградскиот тим.
- И покрај тоа, остана да се договориме за две-три работи. Во врска со имплементацијата успеавме да се договориме за сертификати за преминување на административната линија, наведе тој.
|