02.12.2011, 14:02 Изборен модел со отворени листи
Изборниот модел со отворени листи ќе овозможи поголема независност на законодавната од извршната власт и ќе ја зајакне врската меѓу пратениците и граѓаните. Ова е констатацијата од вчерашната јавна дебата што се одржа во Охрид на тема „Твојот избор да биде личност“.
„Речиси 60 проценти од земјите во ЕУ кои употребуваат пропорционален изборен систем користат некој од моделите со отворени листи“, потенцираше Дарко Алексов од Граѓанската асоцијација МОСТ
Трибината ја организираа Граѓанската асоцијација МОСТ, Институтот за парламентарна демократија и Националниот демократски институт со цел граѓаните да се запознаат со идејата и предностите на пропорционалниот изборен систем со отворени листи.
Според истражувањата на Националниот демократски институт спроведени во периодот од 1 до 19 март 2010 година, 58 проценти од пратениците сметаат дека моделот со отворени листи позитивно ќе влијае врз квалитетот на кандидатите за пратеници.
Ваквиот став го повтори и Димитар Спасеноски, од Институтот за парламентарна демократија, презентирајќи ги податоците од работата на канцелариите за комуникација помеѓу пратениците и граѓаните.
Поранешниот пратеник во Собранието, Насер Зибери зборуваше за своите искуства и за начинот на кој бил избиран и во мнозинс��и и во комбиниран систем, наспроти она што го нуди изборниот систем со отворени листи.
На дебатата учествуваа претставници на општинските ограноци на политичките партии во Охрид, локални граѓански организации, како и заинтересирани граѓани. Учесниците имаа можност да дискутираат околу предностите и слабостите на актуелниот и предложениот модел и да го искажат своето мислење за тоа кој од нив го сметаат за најсоодветен за Македонија.(В.М)
|