30.11.2011, 12:49 Јанкулоска и Дачиќ потпишаа договор за полициска соработка
Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Гордана Јанкулоска и Ивица Дачиќ денеска на маргините од дводневната Регионална конференција на министри за внатрешни работи и за правда на земјите од Југоисточна Европа, што се одржува во Белград, потпишаа билатералниот Договор за полициска соработка.
Со овој договор, што претставува плод на досегашната исклучително добра соработка на двата ресора, како што се согласија Јанкулоска и Дачиќ, се регулирани повеќе области за натамошна меѓуинституционална соработка. Регулирани се размената на информации од областа на организираниот криминал, потоа новините кои неодамна беа предложени од страна на министерката Јанкулоска, а станаа предмет на Договорот, како размена на полициски службеници од двете земји за време на туристичката сезона, како и соработка на службите за време на одржување јавни настани со зголемен ризик. Со тоа, практично, се отвара простор, преку склучување дополнителен протокол, за испраќање македонски полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир за време на престојното европско ракометно првенство што догодина ќе се одржи во соседна Србија.
Мин��стерството за внатрешни работи денеска соопшти дека со овој Договор регулирана е соработката и во други сфери од полициската работа, како што е утврдување сопственици и лица на кои се регистрирани возила, како и лица кои управуваат моторни возила, воздушни и пловни превозни средства, потоа размена на информации за поседување и сопственост на недвижности, подвижен имот и хартии од вредност,испраќање офицери за врска или полициски аташеа, заеднички обуки, семинари, како и работилници во насока да усовршување и размена на искуства.
|