30.11.2011, 14:19 Музички бунт со „Атари тинејџ рајот“ на „Таксират“
Бендот кој го дефинираше дигиталниот хардкор звук наиде на расположени фанови, френетична атмосфера, но и на технички концертни проблеми
Бојан Шашевски
ФОТО: Никола Бурагев
„Таксират“ влезе во второ музичко полувреме. Поминаа половина од артистите предвидени за тринаесеттото фестивалско издание. По енергичните Босанци „Дубиоза колектив“, Србите „Нежни Далибор“, домашните „Канон“, „Скреч дет драм“, „Крипр“, но и настапот на американскиот рапер Би Рил од култните „Сајпрес Хил“, во клубот „Колосеум“ синоќа на ред беа германците „Атари Тинејџ Рајот“.
Бендот кој во деведесеттите создаде звучен контраудар на нео-нацизмот и беа витална алтернатива на стерилната денс сцена и опаѓачката панк сцена во Германија, наидоа на разрипани фанови од сите возрасти, френетична атмосфера, но и на технички недостатоци при одржувањето на концертот. „Атари тинејџ рајот“ се бенд кои го дефинира дигиталниот хардкор звук, кое подоцна прерасна и во своевидно движење, па присутните во клубот го добија токму тоа. Екстремна музика со став, со радикален политички пулс! Музички активизам на сцена. Храна за сите сетила. Бучава, пригушени вокали, интензивни трепкачи, ехо, адреналински рифови, семплови и хибриди од хардкор панк, спид метал, индустријал, техно, драм ен бејс... Ден по концертот на дел од присутните во клубот им зуеше во ушите од преголемата звучна децибелажа.
Концертот имаше неочекуван, тензичен крај. Откако Германците се вратија на сцената за бис, а публиката возврати со громогласни извици и ракоплескање, „Атари тинејџ рајот“ мораа да се соочат со технички проблеми. Видно изнервиран, фронтменот Алек Емпајр не знаеше што се случува со опремата и, како разулавен тинејџер, почна да удира по звучниците и бутна една маса. Притоа, го покажа средниот прст кон дел од организаторите и луѓето од клубот, кои, пак, истовремено се обидуваа да го смират. Дел од фановите го одобрија неговиот бунт, но, сепак, свирката не продолжи.
|