30.11.2011, 12:54 Почина флејтистот Илија Зимбо
Концертната биографија на Илија Зимбо вклучува бројни настапи како солист, камерен музичар, но и настапи со оркестри во Македонија и Европа.
По тешко боледување во Скопје почина познатиот флејтист Илија Зимбо од Охрид.
Концертната биографија на Илија Зимбо вклучува бројни настапи како солист, камерен музичар, но и настапи со оркестри во Македонија и Европа. Зимбо негуваше богат репертоар, од барокот па се до современата музика. За него беа напишани дела од македонските композитори Зографски, Шахов, Бранѓолица и Манчев. Реализира повеќе тонски и видеозаписи за Македонската радио телевизија. Соработува со професори како Рупел, Рампал, Марион, Превишиќ, Кесиќ, Арто и други.
Зимбо редовно настапуваше во Франција, Италија, Австрија, Романија, Словенија, Германија. Член беше на меѓународни жирија, а учествуваше на престижни натпревари за флејта во Европа. Во 2000 година победи на меѓународниот конкурс „Ровере доро“ во Италија. Зад него стоеја менаџерските куќи „Музика вива“ од Виена и Фондацијата „Принц Алберт“ од Монако.
|