29.11.2011, 13:58 МТВ мора да го врати својот сјај
Пет минути интервју: Ели Танаскова - уредник во МТВ
Јасминка Павловска
Работите на програма „Неделно попладне“ за МТВ. До каде сте со подготовките?
- Останаа уште некои мали работи околу графиката, потписот, ситни детали околу сценографијата... Со колегата Орце Гелевски сме врзани секојденевно околу темите, гостите и изненадувањата што ги подготвуваме. Тимската работа ја почитувам поради поделбата на обврските и градењето заеднички став кон нештата. Кога работиш во тим, сите ја доживуваат емисијата како своја!
На концептот „Неделно попладне“, како викенд-програма, се чини не му минува модата. Зошто се одлучивте за овој формат?
- Точно. Сите соседни јавни ТВ-центри го реализираат во континуитет овој формат и тој има голема гледаност. Неделата е многу убав ден. Ден кога семејството е заедно, кога се собираат на заеднички ручек, делат убави нешта... Нашата емисија ќе биде наменета за сите генерации - едно убаво неделно дружење и забава. МТВ беше препознатлив медиум по тоа што го креираше вкусот кај гледачите и се грижеше за стандардите и за критериумите. Затоа одлучивме од две емисии да напр��виме нова - квалитетна и наменета за нашите гледачи што имаат чувство за убаво и за квалитетно. Тие тоа го препознаваат, а ние им го должиме!
Како планирате да ги „врзете“ гледачите во недела попладне, што е некако традиционално „фудбалско време“ за фреквенцијата на МТВ?
- Лесно, ха, ха, ха. Се шегувам... Сега е некако потешко, кога нашата публика се врза за сериите што ги преплавија екраните. Но, добра музика, откривање јавни личности и нивните таленти, големи наградни игри, миниквизови, публика, танц, забава... секако ќе бидат привлечна слика за да си ги вратиме гледачите на нашата фреквенција. Колегите од Спортската редакција се, исто така, дел од нашиот тим. Тие ќе ги понудат најсвежите информации и најатрактивните настани. Мислам дека, сепак, гледачите ќе го побараат овој канал, каналот на МТВ 1.
Сета ваша ТВ-кариера е врзана за МТВ - од почетното скалило, па до директорска позиција... Кој е мотивот за вашата лојалност на Куќата во сите кризни времиња?
- Од член во Детската радиодрама, репортер, уредник во редакција... до одговорен уредник на Првиот програмски сервис. Координатор на ЕРНО - соработка и делегат на едукативниот центар на јавни сервиси од ЈЕ. Уредникот се гради и се надградува. Не се станува уредник преку ноќ, треба да имаш вештини и афинитети. Но, она што ме одржа во мојата ТВ-куќа е, прво, големата љубов кон неа, кон гледачите, кои се како дел од семејството и најважното - МТВ мора да го врати својот сјај. Таа е важна институција, на ранг на Министерство за култура, информации, образование, наука, спорт... Еден од најважните столбови во државаа, архитектура низ која се гради идентитетот!
Ја смисли ли Ели Танасковска својата новогодишна желба?
- Јас се врзувам многу со личности, мои драги пријатели и желбите ми патуваат кон нив. Многу ми е важно тие да се здрави и среќни. На сите останати им пожелувам мир во душата, здравје и, се разбира, по некоја пара во паричникот за бериќетна и убава година. Но, најмногу од се', на сите им пожелувам да им се случува љубов!
|