29.11.2011, 14:32 Дино Имери меѓу најдобрите 10 млади пијанисти во Европа
Нашиот пијанист ја воодушевил публиката и критиката на еден од најценетите натпревари во Европа
Младиот пијанист Дино Имери неодамна учествуваше на третиот Европски пијано натпревар во Франција што се одржа во градовите Кан и Устреам и се пласираше меѓу 10-те најдобри млади пијанисти на континентот. Имери беше поканет директно да настапува меѓу 20-те најдобри млади пијанисти од Европа како единствен учесник од Балканот. Нашиот пијанист остварил голем успех, видлив преку реакцијата на публиката, огромниот интерес од француските медиуми (добил покана за настап на Канал Франце 3), како и од критиката која имала само позитивни зборови.
„Многу сум среќен за успехот кој го постигнав неодамна на натпреварот, но ова не е само мој личен успех. Треба да бидеме сите горди затоа што нашата култура се афирмира постојано со успесите на нашите уметници насекаде во светот“, вели Имери.
Инаку, овој натпревар е еден од најценетите во Европа поради обемот на програмата, типот на аудиции и огромната конкуренција, а Имери, како што вели, ја претставил Македонија под уставното име и неговиот наст��п бил оценет како еден од највпечатливите од целокупниот натпревар од страна на седумчленото интернационално жири.
Дино Имери е студент во четврта година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов. Досега настапувал во повеќе значајни културни центри, во Италија, Австрија, Франција, Хрватска и се разбира, во Македонија. Добитник е на повеќе значајни награди. (Т.И.)
|