01.12.2011, 13:22 Филе: Отворањето на преговорите со Македонија е во корист и на ЕУ
Осврнувајќи се на Македонија, Филе потсети дека Европската комисија и годинава препорачала почеток на преговорите за членство
Отворањето на пристапните преговори со Македонија ќе биде во корист не само на земјата туку и на регионот и на целата ЕУ, истакна еврокомесарот за проширување Штефан Филе на вчерашната дебата за Балканот во Брисел, организирана од фондацијата „Пријатели на Европа“.
Осврнувајќи се на Македонија, Филе потсети дека Европската комисија и годинава препорачала почеток на преговорите за членство.
- Перспективата за интеграција во ЕУ претставува водич за реформскиот процес во земјата и затоа станува уште поважно конечно да се направи прогрес во врска со прашањето за името. Решението премногу долго се одолжува, рече Филе.
На Балканот во изминатите 20 години, како што посочи, е направен огромен прогрес - од хаос и воен конфликт во почетокот на деведесеттите до политичка и економска стабилност што постои денес. Значаен фактор за тоа, според него, била европерспективата односно процесот на стабилизација и асоцијација.
- Членството во ЕУ е реална цел што наско��о ќе се потврди во случајот со Хрватска. Процесот на евроинтеграција нема алтернатива. Ставањето на земјите од регионот во карантин нема да им штети само ним туку и нас, на нашиот кредибилитет и нашиот иден потенцијал, рече Штефан Филе.
|