29.11.2011, 14:58 Единствената ќерка на Сталин почина на 85-годишна возраст
Петерс беше родена како Светлана Алилујева Сталин и беше единствената ќерка на Јосиф Сталин. Нејзиниот живот мина во сенка на човекот што помогна да се создаде советскиот комунизам, ја предводеше нацијата до победа во Втората светска војна, и се смета за одговорен за убивање на повеќе луѓе отколку што тоа го направи Хитлер.
Многупати мажена, немирна, кавгаџика и недофатлива, таа напиша најдобро продавани мемоари, пребегна во САД, се врати во СССР и конечно се смири во рурален Висконсин. Почина на 22 ноември од рак на дебелото црево, обелодени иследникот Мери Тарнер од Ричланд каунти.
Растејќи во Кремљ, едно време била блиска со својот татко, која ја нарекувал малиот врабец. Но, се оддалечиле во последните години и пишуваше за неговиот променлив темперамент. Се' додека не стана тинејџерка, таа не знаеше дека мајка и' се самоубила кога Светлана имала само 6 години, откако нејзините родители се скарале на банкет.
Нејзиниот антисемитски ориентиран татко и' удрил шлаканица кога открил дека е во врска со филмски продуцент Евреин, и човекот бил испратен во концентрационен камп во Сибир на 10 години. Нејзиниот брат Јакоб, почина во нацистички концентрационен логор за време на Втората светска војна кога нејзиниот татко одбил да го замени за германски генерал, а нејзиот втор брат Василиј починал од алкохол на 40-годишна возраст. Таа, на некој начин, ја добила својата одмазда: нејзиниот прв сопруг бил Евреин и Сталин одбил да се сретне со него.
Лана Петерс се жалеше на константната асоцијација со нејзиниот татко.
Светлана ја опиша смртта на својот татко, од мозочен удар во 1953 година. Во последниот момент од животот Сталин ја кренал левата рака „како да покажува кон нешто горе и упати клетва врз сите нас“. Кога во времето на Хрушчов, во СССР почнаа да се спроведуваат реформи, нејзиниот живот стана, неверојатно, тежок и таа се откажа од презимето на татка си во корист на она на мајка и', Алилујева.
Во 1967 година, Алилујева стана ѕвезда на студената војна кога пребегна во САД, со ракопис од нејзините мемоари во рацете. Таа пред новинарите на аеродромот „Кенеди“ изјави дека бара „слобода на изразувањето“. Јавно го запали својот советски пасош и во една пригода изјави дека ќе се обеси отколку да се врати назад. Славејќи ја сопствената новопронајдена слобода на Денот на благодарноста таа напиша: „Каква величенствена замена за 50-годишниот јубилеј на Октомвриската револуција!“
Нејзините мемоари „Дваесет писма до пријател“ беше меѓународен бестселер, како и продолжението „Само една година“, опишувајќи го нејзиното пребегнување во САД преку Индија. Таа отпатува таму за да ја истури урната на својот трет сопруг, истакнат индиски комунист, во реката Ганг.
Алилујева стана американски државјанин и се насели во Принстон, Њу Џерси, каде што нејзините обожаватели го преплавија со цвеќе нејзиниот дом. На покана на Олгивана Лојд Рајт, вдовицата на Франк Лојд Рајт, Алилујева го посети Талиесин Вест, каде што се сретна и по кратко време се омажи за архитектот Вилијам Весли Петерс, штитеник на Рајт.
Двојката ја имаше ќерката Олга, но по кратко време се разделиле, иако таа го задржа неговото презиме. Се' понестабилната Петерс го прекина контактот со пријателите и се селеше низ земјата. Таа замина за Англија за да ја однесе Олга во интернат.
Во 1984 година Петерс се враќа во СССР, повторно соединувајќи се со својот син, кој дотогаш веќе беше лекар. Таа го осуди Запад со исто толкава жестокост како што тоа го направи и за својата земја. Таа не знаела за „ниту еден ден слобода“ откако ја напуштила земјата, изјави на конференција за печат во Москва. Се врати во САД по помалку од две години, разочарана. Петерс на крајот се смири во Ричленд центар, во Висконсин каде живееше во повлеченост во еднособен стан и разговараше само со својата ќерка. Документарецот „Светлана за Светлана“ беше објавен во 2010 година. „Јас секогаш ќе бидам политички затвореник на името на мојот татко“, изјави таа минатата година за „Висконсин стејт џурнал“. (Волстрит џурнал)
|