30.11.2011, 11:14 Два гола на Пандев против Јуве, само бод за Наполи
Пандев повторно „проработе“ против Јувентус, кој сепак успеа да остане непоразен на гостувањето во Неапол одигрувајќи 3:3
Македонскиот репрезентативец во дресот на Наполи, Горан Пандев ги постигна првите два гола за новата екипа, за која настапува оваа сезона. Пандев повторно „проработе“ против Јувентус, кој сепак успеа да остане непоразен на гостувањето во Неапол одигрувајќи 3:3.
Наполи поведе со голот на Марек Хамшик во 23. минута, а 17 минути подоцна Пандев зголеми на 2:0. На стартот на вториот дел Јувентус преку Алесандро Матри намали на 2:1, а Пандев повторно беше стрелец во 60. минута. Но, неговата екипа не успеа да го задржи водството откако „старата дама“ до крајот преку Марсело Естигарибија и Симоне Пепе го изедначија резултатот.
Пандев при резултат 3:1 беше заменет. Македонскиот репрезентативец од италијанските медиуми беше прогласен за најдобар играч на натпреварот. Тој е оценет со 7,5.
- Задоволен сум од прикажаната игра. Постигнатите голови се резултат на напорната работа. Зад мене е период на игри под очекувањата и верувам дека во иднина ќе ја повторам играта како на дуелот со Јувентус. Благодарност за поддршката што ја добивам од навивачите, клубот и семејството. Не успеавме да ја задржиме предноста од два гола против Јувентус. Тоа е екипа која игра одличен фудбал. Очекувам победа веќе во наредното коло со што Наполи ќе фати приклучок со водечките екипи, изјави Пандев по вчерашниот одличен настап.
Овој натпревар беше од 11. коло од Серија А, кој беше одложен поради невремето во Неапол.
Јувентус остана на чело на табелата со 26 бодови и сега има два повеќе од Милан и Удинезе. Наполи се наоѓа на шестото место на табелата со 17 бодови.
|