28.11.2011, 13:59 ХДЗ ќе биде збришан на изборите
Според анкетите, опозициската коалиција „Кукурику“ на изборите на 4 декември ќе освои 85 мандати, а ХДЗ - 39
Загреб - Опозициската коалиција „Кукурику“ убедливо ќе победи на изборите на 4 декември и ќе освои најмалку 85 пратенички места или двојно повеќе од ХДЗ, кој би имал 39, се вели во резултати од анкета на ГФК - Центар за анализи на пазар.
Во анкетата за РТЛ телевизија, „Кукурику“ би освоила 85, ХДЗ со партнерите 39, додека две десничарски партии - Хрватската партија на правото и Хрватскиот демократски собор за Славонија и Барања би освоиле по четири мандати.
Лабуристичката партија би освоила три пратенички места, а независната листа на свештеникот Иван Грубишиќ две пратенички места. По еден би имале либералите, Селанската партија и блокот партии предводен од Љуба Јуричиќ.
Дваесет и шест од анкетираните изјавиле дека не одлучиле за кој ќе гласаат, а 13 отсто не сакаат да кажат за кој ќе гласаат. Освен 140 пратеници во десет изборни единици, за Соборот се избираат и тројца пратеници од дијаспората, а малцинствата може да изберат да гласаат за осум малцински пратеници, од кои три српски.
|