02.12.2011, 12:25 Пет ученици со лажна бомба одложиле тест во „Орце Николов“
Tри ученички и двајца ученика пред четири дена пријавиле лажно подметнување на бомба во скопската гимназија „Орце Николов“ за да го одложат закажаниот тест.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека го расчистил случајот со лажната пријава за наводно подметната бомба во скопската гимназија “Орце Николов“ од 29 минатиот месец. По преземените мерки и активности утврдено е дека петмина малолетници (три девојки и две момчиња), дел ученици во средното училиште „Ѓеорѓи Димитров“, а дел во “Орце Николов“, на возраст од 16 и 17 години се сторители на кривичното дело - лажно пријавување.
Мотивот за лажното пријавување, како што велат од МВР, бил одложување на претходно закажан тест на знаење во гимназијата “Орце Николов“. Утврдено е дека пред ова малолетниците се обиделе лажно да пријават подметната бомба и во средното училиште “Ѓеорѓи Димитров“, но раководството на училиштето се посомневало во веродостојноста на јавувањето па случајот не бил пријавен во полиција.
Во текот на вчерашниот ден петмината малолетници, во придружба со нивните родители се повикани во полициска станица, а по завршувањето на сите истражни дејствија против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 29 ноември околу 16 часот во гимназијата “Орце Николов“ беше примена дојава за подметната бомба по што на лице место веднаш излегоа припадници на СВР Скопје и на единицата за антитероризам при МВР, и по увидот беше констатирано дека станува збор за лажно пријавување.
|