02.12.2011, 12:00 Меркел: Нема брзо решение во еврозоната
Земјите членки на еврозоната се пред формирање на „фискална унија“ со строга буџетска контрола за совладување на должничката криза, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.
- Не само што разговараме за фискална унија, ние почнавме и да ја создаваме, нагласи Меркел во своето обраќање во германскиот Парламент, истакнувајќи дека тоа ќе претставува фискална унија со строги прописи, барем во однос на еврозоната.
Германската канцеларка, исто така предупреди дека не постои лесен начин за решавање на проблемите на фискалната криза во еврозоната и дека за тоа ќе бидат потребни години.
- Тоа е процес и тој процес ќе трае со години, истакна Меркел.
Меркел исто така повтори дека останува на својата позиција дека Европската централна банка треба да остане независна со цел да ја задржи довербата, како и дека се уште е против воведувањето еврообврзници, укажувајќи дека заедничкиот владин долг на еврозоната не е решение за сегашната финансиска криза.
Германската канцеларка ги предупреди германските парламентарци дека дискусиите за еврообврзниците не придонесуваат за решавање на кризата и оти еврозоната наместо заеднички долг има потреба од нова ��стабилизациска унија“ со силна фискална контрола и строга регулатива кога станува збор за задолжувањето.
Меркел се обрати до германските законодавци пред самитот на лидерите на Европската унија на 9 декември во Брисел, каде таа и францускиот претседател Никола Саркози имаат намера да претстават заеднички план за справување со должничката криза во еврозоната.
Според Меркел, целта на овој самит е да се преразгледаат и изменат основачките договори на ЕУ со цел да се избегне поделбата на ЕУ на земји членки на еврозоната и земји кои не се членки на монетраната унија.
|