02.12.2011, 15:37 Можно е „Јужен поток“ да добие стаус на Трансевропска мрежа
Европската комисија ќе ја разгледа можноста на гасоводот „Јужен поток“ да му го додели статусот на Трансевропска мрежа (ТЕН), најави рускиот министер за енергетика, Сергеј Шматко. „По добивање целосни информации за количествата гас и за маршрутата на ’Јужен поток‘, Европската комисија и натаму е подготвена да ја разгледа можноста на овој проект да му го додели статусот ТЕН“, изјави Шматко.
Добивањето на статусот ТЕН би му овозможило на „Јужен поток“ да ги избегне прописите на Третиот енергетски пакет на ЕУ, со кој, меѓу другото, се инсистира на обезбедување пристап до гасоводот и на трети лица. Добивањето на овој статус би им овоможило на инвеститорите да побараат финансиска помош при изградбата на проектот во висина од 30 отсто од неговата вкупна вредност. ТЕН статус имаат гасоводите „Северен поток“, „Јамал - Европа“ и „Набуко“. Гасоводот „Јужен поток“ ќе започнува од руското црноморско крајбрежје и преку дното на Црно Море ќе оди до Бугарија, од каде што ќе се двојат два главни крака - еден преку Грција и Јонско Море до Италија и втор преку Србија, Хрватска и Унгарија до Австрија. Предвидено е еден крак од „Јужен поток“ да оди и кон Македонија.
|