02.12.2011, 14:35 Коњановски: Развојот на земјоделскиот сектор во фокусот на Владата
Развојот на земјоделскиот сектор и зголемување на ефикасноста на администрацијата се во фокусот на работата на македонската Влада, истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски обраќајќи се на конференцијата „Реформите во јавната советодавна служба за квалитет-кориснички пристап за земјоделците“, што денеска се одржа во Битола во организација на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
Според Коњановски, владините реформи во областа на јавната советодавна служба овозможуваат квалитетен кориснички пристап за земјоделците.
- Советодавните услуги во земјоделството се клучна алка која придонесува за модернизација и прилагодување во земјоделството, особено во период кога Република Македонија се наоѓа на чекор од влезот во ЕУ, за што е потребно прилагодување, како во имплементација на технолошките процеси во примарното земјоделско производство, така и во усогласувањето со регулативата на ЕУ, истакна Коњановски.
Тој посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоде��ството се во функција на земјоделците и најави активности на терен, трибини и други директни средби со земјоделците.
Директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Јордан Кузмановски рече дека земјоделскиот сектор е област која се карактеризира со постојани промени, адаптации и усовршувања поради што е потребна помош за земјоделците.
- Нашата стручна помош за земјоделците е во функција на поголеми резултати, квантитет и квалитет во производството, истакна Кузмановски притоа заблагодарувајќи се за поддршката од Агенцијата за меѓународен развој и статистика од Шведска.
Денешната конференција во Битола заврши со потпишување Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и трите најголеми земјоделски здруженија, Агенцијата на земјоделците, Федерацијата на фармери и Сојузот на земјоделците на Македонија.
|