05.12.2011, 10:14 Нова средба на Меркел и Саркози
Францускиот претседател Никола Саркози, денескa ќе ја прими во Елисејската палата германската канцеларка Ангела Меркел. Целта на средбата: усогласување на заедничките германско-француски предлози пред Советот на ЕУ, кој в четврток ќе се одржи во Брисел.
По неколкумесечни разидувиња и покрај привидната усогласеност, Париз и Берлин се наоѓаат блиску до компромис, јави дописникот на МИА од Париз. Минатиот четврток Никола Саркози во Тулон, и другиот ден Ангела Меркел пред германскиот парламент повикаа на обнова на Европската Унија и нејзино поставување врз нови темели. „Евро зоната која е во криза, треба да се претвори во вистинска монетарна унија“ – се усогласија Париз и Берлин.
Монетарната (политичка) унија е можна само со измена на постоечките европски договори, смета германската канцеларка, а истото од неодамна го мисли и Никола Саркози. Оваа ревизија ќе им биде предложена на земјите членки на ЕУ и ако некои од нив одбијата, тогаш на земјите членки на евро зоната. Заедничката позиција на Париз и Берлин е „ако се сака да се спаси еврото, потребна е поголема буџетска дисциплина.
Сепак, меѓу Париз и Берлин не се избришани сите разлики. Меркел се залага за државите членки на евро зоната кои не ги почитуваат критериумите да бидат изведувани пред Европскиот суд на правдата, исто како и интервенцијата на еден надлежен европски комесар во националните буџети на земјите членки на зоната.
Франција од своја страна се залага за поголемо „меѓувладино“ управување, во кое сепак последниот збор е во надлежност на државите членки. Саркози во својот говор во Тулон изгледа попушти малку, изразувајќи подготвеност за зголемување на контроланата улога на Европската комисија во замена за поголема солидарност во евро-зоната.
Најголемото разидување меѓу Париз и Берлин сепак е околу Европската централна банка (ЕЦБ). Саркози посакува ЕЦБ да може да ги откупува долговите на земјите во тешкотии, додека Меркел засега не сака да слушне за тоа. Берлин се уште одбива заедничко издавање на еврообврзници и за заедничко пресметување на долгот на земјите членки на евро зоната. Излезот според аналитичарите најверојатно ќе биде со предлог за ова прашање да одлучи самата ЕЦБ, а не владите.
|