05.12.2011, 09:21 Убедлива победа на Кукурику коалицијата, ХДЗ во опозиција
Коалицијата Кукурику забележа убедлива победа на парламентарните избори во Хрватска и најверојатно ќе има апсолутно мнозинство во хрватскиот Сабор. Премиер на новата хрватска влада ќе биде Зоран Милановиќ, претседател на Социјалдемократската партија, покрај која коалицијата ја сочинуваат и Хрватската народна партија, Истарскиот демократски сабор и Хрватската партија на пензионерите.
Кукурику коалицијата ќе има 77 мандати, додека ХДЗ, која е во коалиција со Хрватската граѓанска партија и демократскиот центар, ќе освојат 48 пратенички места, во кои се вклучени и сите три мандати од дијаспората, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на синоќешната прес-конференција.
Премиерот порача дека коалицијата Кукурику веднаш по преземањето на власта ќе прекине со многу хрватски политички традиции, што значи дека ќе функционира целосно транспарентно и исклучиво во интерес на граѓаните.
- Испеавме околу нашата програма и околу нас како луѓе да собереме голем број на граѓани, но работата само што почнува. Поддршката е голема, но не е апсолутна, бидејќи многу не гласаа за нас. Тоа не не обврзува, но не пред��предува дека живееме во општество во кое кон сите имаме обврска, истакна Милановиќ пред своите симпатизери во Изборниот штаб на коалицијата.
Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и ја честиташе победата на Кукурику коалицијата изразувајќи очекување дека со новата влада ќе соработува подобро отколку со администрацијата на премиерката во заминување Јадранка Косор.
- Очекувам дека владата од првиот ден ќе тргне во решевање на проблемите. Слушнавме дека опозицијата ќе биде силна и тоа е дел од демократските стандарди, нагласи шефот на државата.
Досегашната премиерка и лидер на ХДЗ Јадранка Косор најави дека оваа партија ќе биде конструктивна, но остра опозиција.
- ХДЗ останува цврсто на нозе и во опозиција чесно ќе му служи на својот народ. Во хрватскиот Сабор ќе ги браниме хрватските национални интереси и во се што ќе работиме како пратеници ќе докажуваме дека членовите на нашата партија даваат се за Хрватска, но Хрватска не ја даваат за ништо, порача Косор.
|