05.12.2011, 13:38 Иванов: Грција да ја почитува пресудата
Македонскиот претседател изрази задоволство од тоа што Меѓународниот суд на правдата потврдил дека Република Македонија ја нема прекршено Времената спогодба, притоа отфрлајќи ги приговорите на Грција.
Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека Грција ја прекршила Времената спогодба со попречување на македонското членство во НАТО е јасна потврда и дава дополнителен меѓународен углед на државната политика на Република Македонија водена во изминатиот период, смета претседателот Ѓорге Иванов.
- Република Македонија затоа бара од Република Грција истото што го побара Меѓународниот суд на правдата, почитување и ефективна примена на Времената спогодба, како единствен документ кој ги регулира односите меѓу двете држави. Наместо да го попречува, Република Грција треба да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации во согласност со Времената спогодба, изјави шефот на државата по состанокот на државниот врв, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски.
Македонскиот претседател изрази задоволство од тоа што Меѓународниот суд на правдата потврдил дека Република Македонија ја нема прекршено Времената спогодба, притоа отфрлајќи ги приговорите на Грција.
- Таквиот одговорен однос е трајна определба на Република Македонија. Ние и натаму целосно ќе ја почитуваме Времената спогодба. Конструктивно како и досега во добра верба ја почитуваме рамката во која се водат разговорите под покровителство на ОН и ќе учествуваме во процесот со цел изнаоѓање заемно прифатливо решение, потенцира Иванов.
Додаде дека Република Грција треба еднакво одговорно да се однесува кон Времената спогодба и да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
|