05.12.2011, 13:36 Попоски: Пресудата е чекор напред кон НАТО и ЕУ
„Сметаме дека се работи за исклучително важна одлука која ќе ни овозможи да вратиме една правна сигурност која постоеше во поглед на нашите oдноси регулирани со Времената спогодба“, изјави министерот за надворешни работи
Република Македонија ја поздравува денешната одлука на Меѓународниот суд на правдата. Сметаме дека се работи за исклучително важна одлука која ќе ни овозможи да вратиме една правна сигурност која постоеше во поглед на нашите oдноси регулирани со Времената спогодба, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски како застапник на Македонија во тужбата покрената против Грција во Судот во Хаг.
Тој посочи дека Судот во својата пресуда оцени дека тужбата подигната од Република Македонија е во негова надлежност и воедно констатираше дека наметната блокада на самитот на НАТО во Букурешт е прекршување на параграф 1 од членот 11 и дека таквото однесување не е во согласност со принципите кои што таа ги регулира.
- Сметаме дека е од исклучителна важност тоа што Судот исто така констатира дека ваквото дејствие односно однос кон апликацијата на РМ во НАТО е погрешно и е за очекување од тужената страна да не го повтори ваквото однесување. Во овој поглед сметаме дека со денешната пресуда не треба да гледаме како на победници и поразени, туку треба да се фокусираме на заедничката цел и принципите врз кои се базираат односите помеѓу нашите две земји и перспективата за интеграција во НАТО и ЕУ за Македонија. Ова е од исклучителна важност во период во кој нашите интереси исклучително се совпаѓаат. Правната сигурност која ни е донесена со оваа пресуда и која Судот јасно и прецизно ја дефинираше има една голема додадена вредност која треба да биде признаена од сите страни како во Република Македонија така во Република Грција и секако во сите земји членки на НАТО-алијансата, но и во контекст на европските интеграции, рече Попоски.
Република Македонија, истакна, останува цврсто посветена на владеењето на правото и зачленувањето во НАТО и ЕУ. Одлуката на Судот претставува чекор напред на патот до членство. Очекувам дека Грција ќе дозволи да се зачлениме во НАТО, во согласност со нејзините обврски според меѓународното право и со поддршка на останатите членки на НАТО, истакна македонскиот министер за надворешни работи, рече Попоски.
Според него, по оваа исклучително важна пресуда која беше овозможена со долго залагање од страна на македонските и странските експерти кои вложија значителна енергија и посветеност во процесот што е крунисано со самата пресуда.
Клучно, вели Попоски, е земјата да фокусира на идните чекори кон соработка со јужниот сосед.
- Мораме да се фокусираме кон идните чекори и сметам дека првите обраќања кои ќе ги имаме во следниот период ќе бидат свртени кон нашиот сосед Грција кој во овој момент може да препознае можност за заедничка победа и заедничка посветла иднина која ќе биде во знакот на соработката. Пресудата исто така е важна и од аспект на меѓународното право и очекувањето двете земји потписнички на Времената спогодба да дејствуваат во согласност со неа, рече шефот на македонската дипломатија.
Посочи дека Судoт оценил оти Македонија ја почитувала Времената спогодба. - Заеднички треба да бидеме фокусирани во следниот период да овозможиме да ги отвориме вратите за она што се случи во Букурешт да не биде повторено туку идните чекори и постапки од сите инволвирани страни да водат кон затворање на овој процес со членство на Република Македонија во НАТО каде дејствуваме дефакто како членка, подвлече министерот за надворешни работи.
Тој подвлече дека Република Македонија останува целосно посветен и активен партнер во преговорите за надминување на билатералниот спор.
- Иако овој случај не го засегаше прашањето за името, Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓањето трајно и заеднички прифатливо решение за разликата за името со Грција. Република Македонија ќе продолжи да учествува со добра верба во преговорите за името под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации, како што учествуваше и во текот на изминативе три години, и покрај негативните постапки на Грција со блокирањето на нашето членство во НАТО. Република Македонија го има најголемиот можен интерес да се изнајде конечно решение за разликата за името, под чија сенка живее веќе дваесет години, подвлече македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
|