05.12.2011, 11:44 Папандреу: ЕУ и рејтинг агенциите се делумно одговорни за должничката криза на Грција
Европските власти за набљудување и рејтинг агенциите имаат делумна одговорност за должничката криза на Грција, која доведе до дестабилизација на еврозоната, изјави поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу во интервју за американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен.
Тој нагласи дека неговите претходници не согледале дека натрупувањето на долгот ќе доведе до криза.
- Доколку имаше поголемо набљудување на земјите-членки од страна на Европската унија и дури и на рејтинг агенциите, јас немаше да наследам како премиер една ситуација, во која државниот дефицит се приближуваше до 16 проценти од БДП и долг кој се зголемил речиси двојно за време на претходната влада и никој не говори за оваа ситуација, рече Папандреу.
- Тоа е причината поради која сметам дека набљудувањето е важно, бидејќи сега ние ја плаќаме цената за таа ситуација. Многу Грци плаќаат неправедно за сето ова, бидејќи плаќаат за нешто за што не се одговорни, нагласи Папандреу.
Папандреу се очекува денеска да се сретне со американскиот заменик-претседател Џо Бајден, кој се наоѓа во посета на Атина, со кого ќе разговара за кризата во еврозоната.
|