05.12.2011, 13:12 Запленето поголемо количество екстази
Одделот за недозволена трговија со дрога при Центарот за сузбивање сериозен и организиран криминал во соработка со СВР - Велес синоќа во 21.30 часот заплени 3.500 таблети екстази со лого „срце“ со потекло од Холандија наменети за продажба на нарко пазарот во Македонија.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес - конференција појасни дека полицијата синоќа, пред наплатната станица Стоби во правец Неготино - Велес, при контрола и преглед на автомобил „БМВ“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од 41 годишно лице од струмичкото село Петралинци, во багажниот простор ги пронашла таблетите, кои се одземени за натамошно вештачење. Се очекува да биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвнителство во Велес против приведениот осомничен за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори.
Запленетата количина есктази, која би достигнала цена од околу 30 илјади евра при крајната продажба, требало да биде предадена на засега непознато лице во Скопје, за натамошна продажба.
- Евидентно е дека во последните неколку месеци оперативните сознанија зборуваат дека е зголе��ена количината на синтетички дроги кои се во промет на територијата на Македонија, но и преку земјата. Добро е тоа што се потврдија оперативните сознанија кои ги имаме, ги добиваме на време и за релативно кратко време успеавме да реализираме неколку акции односно е запленета поголема количина синтетичка дрога, рече министерката Јанкулоска.
Таа потенцира дека практиката покажува оти оперативните сознанија на МВР се квалитетни, така што ако во првата половина од оваа и во текот на минатата година главно пресечените канали беа за недозволена трговија со хероин, подвлече, последните неколку месеци тоа се канали за трговија со синтетички дроги.
Инаку, при приведувањето на осомниченото лице се извршени и претреси на бензинската станица „Галис петрол“, како и во мотелот, ресторанот и дискотеката, во сопственост на приведениот, но не се пронајдени дополнителни предмети поврзани со истрагата.
Осомничениот оперативно и е познат во полицијата, во Македонија досега не е пријавуван за случени дела, иако издржувал казна затвор во Италија за недозволена трговија со наркотици.
|